Шведскиот град Лунд реши да распореди пилешко ѓубриво во централниот парк за да спречи собири за време на Валпургиската ноќ.

Станува збор за прослава која се одбележува низ целата Скандинавија.

Обично, на ваквите прослави се собираат голем број луѓе, а годинава властите сакаат да го спречат тоа поради епидемијата на коронавирусот, пренесува Би-би-си.

„Лунд би можел да стане епицентар на ширењето на коронавирусот во последната вечер од април“, рече Гистав Лундблад, претседател на локалниот комитет за животна средина.

Објаснувајќи ја одлуката да се стават тони ѓубриво во паркот, тој рече дека ѓубривото е полезно за тревниците, а неговиот мирис може да спречи масовни собири.

„Веројатно не е толку убаво да седите во парк и да пиете пиво покрај тој мирис“, рече Лундблад.

Потеклото на прославата на Валпургиската ноќ датира од паганското прославување на пролетта, а популарното, иако неофицијално, славење може да привлече и до 30.000 луѓе од цела Шведска.

Во Шведска досега има регистрирано 20.300 случаи на заразени од коронавирус, од кои 2.460 починале.

извор: Makfax