Еден од најстарите спортски објекти во градот, по повеќе од 50 години ќе доживее реконструкција која освен што ќе му даде нов лик, ќе биде попривлечен и за публиката, па и за натпревари од повисок ранг.

– Гостивар заслужува да има објекти кои ќе го унапредуваат спортот. Фудбалот има многу поклоници во овој град и тие заслужуваат да следат натпревари во услови слични на оние во напредните земји. Овој зафат ќе овозможи да имаме трибина според вискоите стандарди на ФФМ и УЕФА, рече градоначалникот Невзат Бејта.

Инвестицијата која се проценува на околу 18 милиони денари, односно 300 илјади евра ќе биде финасирана со пари од општинскиот буџет и донации на повеќе компании од градот. Доколку работите течат со планираната динамика, изградбата на новата трибина би требало да се заврши за два месеци.

Гостиварскиот стадион во неколку наврати беше саниран, но не овозможуваше погодни услови за следење на фудбалски натпревари. Теренот беше реконструиран пред четири години кога првиот град на Вардар имаше прволигаш, но трибините беа неуредени.