Градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, е ставен под полициска заштита поради тврдењата дека руската влада се обидува да ги отруе сите оние што се одговорни за отстранување на статуата на еден советски генерал од градот, пренесува „Тајмс“.

Хриб и Ондреј Колар, лидер на градскиот округ во кој стоеше статуата на поранешниот советски генерал Иван Конев, беа предупредени од чешките безбедносни служи по пристигнувањето на еден  човек за кој се верува дека е член на руската тајна служба (ФСБ) . Неименуваниот човек пристигнал пред три недели со руски дипломатски пасош, а носел и чанта во која се тврди дека имало смртоносен отров рицин.

„Безбедносните сили знаеја за пристигнувањето на патникот и го оценија непосредниот ризик за двајцата чешки политичари, чии активности во последниве месеци го предизвикаа гневот на Москва“, пишува прашкото списание „Респект“.

Хриб потврди дека е ставен под полициска заштита, но рече дека не може да каже дали тоа е резултат на наводниот руски заговор за труење.

„Можам да потврдам дека сум под полициска заштита од католички Велигден, пред две недели. Меѓутоа, ако руската агенција се обидува да ме убие со рицин, новичок или со полониум, тоа е нешто што не можам да го коментирам во моментов. За мене е многу важно да стојам зад своите уверувања, дури и ако тоа значи ризик за мојот живот“, изјави Хриб во понеделникот за „Тајмс “, додавајќи дека должност му е да се залага за слободен говор не само за себе, туку и за другите граѓани.

Претходно овој месец, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, побара да му се суди на Колар за отстранување на статуата со што, наводно, бил прекршен рускиот закон против уништување на спомен-обележјата и гробовите на воените херои.

Чешката Република соопшти дека нема да го екстрадира Колар, но Русија би можела да се обиде да издејствува признавање на случајот од Интерпол за тој да може да биде уапсен ако ја напушти земјата.

Како одговор на извештаите за можен заговор за труење, руската амбасада во Прага рече: „Наводите во приказната се апсолутно неосновани“, тврдејќи дека целта на таквите шпекулации е да ја дискредитираат Русија.

извор: Makfax