Во проектот се вклучени десет градинки и организирани повеќе обуки и воспитно образовни активности наменети за децата, родителите и воспитувачите. Изработена е брошура „Култура за мир”, која е плод на истражување за меѓусебната комуникација на релација семејство-дете-градина, со цел пораките од децата, родителите и вработените од градинката да инспирираат и поттикнат позитивни промени во активностите, однесувањето и меѓусебните односи.

На промоцијата на брошурата, директорот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац рече дека градинката е клучна за градење личности кои ќе го разбираат мирот, ќе ги прифаќаат сите поинакви од себе и ќе се вложуваат во заедништво и мултикултурализам.

– Градинката е клучен сегмент, затоа што не е едноставно да се работи со деца. Секој изречен збор значи одговорност на воспитувачот. Децата се вистински учители и можат да бидат коректори на воспитувачите и на родителите и ова е вистинска инвестиција, рече Змијанац.

Директорката на градинката “Детска радост” од Скопје Љиљана Крстевска, која е дел од проектот, рече дека со партнерство меѓу семејството и градниката заедно може многу да се придонесе за развојот на толернацијата, за одговорното родителство и за културата за мир, уште од најрана возраст кај децата.

Брошурата „Култура за мир” ги идентификува моделите на однесување кои ги промовираат возрасните и има за цел да отвори и посочи одредени прашања и состојби за она што децата го слушаат во семејството, градинката и медиумите, како и зборувањето и однесувањето кои ги имитираат, учат, прифаќаат како свои вредности и однос за добро, убаво и прифатливо.

Проектот „Развивање култура за мир” се спроведува од градинката „Детска радост” од Скопје во рамки на проектот Партнерство за помирување преку ран детски развој и образование во Европа (ПРЕЦЕДЕ) кој во Македонија го спроведува Меѓаши и е финансиран од ЕУ.