Во детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, денеска се отвори „Градина од сказните“.

Како што информираат од општина Карпош, најмладите, заедно со нивните наставници го уредиле дворoт на градинката и ја разубавиле околината, правејќи креативни катчиња изработени од еко-материјали.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој ја поздрави иницијативата за разубавување на дворот и подигнување на свеста за заштита на природата кај најмладите.

„Целта на предучилишното образование е да ја даде основата, да научите да творите, а потоа на училиште да се надградувате и да растете со нови знаења и искуства. Сепак, горд сум што во Карпош има деца, воспитувачи/негувателки и родители кои сакаат да избегаат од секојдневното, тековното и да бидат креативни“, порача општинскиот градоначалник додавајќи дека ваквите иницијативи го покажуваат лицето на европски Карпош.

Свое обраќање имаше и директорката на градинката, Ангела Ангеловска, која говореше за процесот за создавање на градината и ја потенцираше успешната соработка меѓу сите страни.

извор: Makfax