Стопанственици од единаесет фирми, бизнисно и капитално поврзани меѓу себе, од различни сектори, се осомничени за даночен криминал. Финансовата полиција против сите поднела кривични пријави. Два месеци по обелоденувањето на даночната пирамида, поднесени се вкупно 24 кривични пријави против бизнисмени инволвирани во скандалот.
На листата за случајот “даночна пирамида”, неофицијално, се наоѓаат неколку звучни имиња на бизнисмени од Скопје, но, и на газдата на една позната струшка текстилна компанија. Меѓу скопските понови имиња се Стефан Русевски, Миле Крстевски и Љубе Караџовски кои од вчера се во притвор. Најмногу, велат доброупатените, на списокот на затајувачите на данок се градежни фирми од земјава, кои преку добро разработени малверзации, избегнувале да плаќаат ДДВ.
“Соло” градежниците, како што ги нарекуваат луѓето од овој бизнис, кои пак, легално работат преку регистрирани фирми и уредно ги плаќаат сите давачки на државата, велат дека во земјава, а особено во Скопје, има многу физички лица кои градат и притоа го изигруваат законот за сметка на подобрувањето на сопствената финансиска состојба. Тие го применуваат разиграното сценарио за прикривање на ДДВ-то. Поточно, овие “соло” градежници градат, наводно, куќи за сопствени потреби кои најчесто се со квадратура од 2.000 до 3.000 метри квадратни, а потоа како физички лица ги продаваат становите. Со ваквото работење, а согласно законската регулатива, бидејќи градат за сопствени потреби, се ослободени од плаќањето на ДДВ-то од 18 проценти. Данокот на недвижности и права од три отсто го плаќаат дури во моментот кога изградените станови сакаат да ги продадат. Доколку пак, станови гради регистрирана градежна компанија, таа е должна да плати 18 отсто ДДВ од сумата на изградените станови, како и три отсто данок на промет на недвижност и права.


Весна М.БОЖИНОВСКА Каролина ЃЕШКОСКА