Гошев ќе ги продава акциите од банките на берза
Новиот Закон за банки, кој деновиве стапи во сила, ги зголеми ингеренциите на првиот човек на монетарната власт, гувернерот Петар Гошев. За прв пат, со законот е воведена можност Централната банка, по претходна согласност на гувернерот, да ги продава акциите на банките кои не ги спровеле мерките што тој ги наложил.
Гувернерот има право да овласти лице што ќе ги продаде акциите преку јавна берзанска аукција.
Според Законот, со воведените мерки треба навремено да се спречи натамошното влошување на состојбата во банката.
Економски експерти сметаат дека со ова му се даваат големи дискрециони права на гувернерот и неговата улога се подигнува на ранг на институција. Банкарите пак се поделени во мислењето. Според едни, ова е добар потег за да се заштитат акционерите и депонентите на банките, додека според другите банкари тоа се преголеми ингеренции кои му овозможуваат голем субјективизам на гувернерот при одлучувањето.
– Се што е во рамките на законот ние ќе го почитуваме. Со мерките ќе се заштитат акционерите и ќе се спречат хавариите во банкарството што ги имавме во минатото – велат од Инвест банка.
Вакво мислење делат и првите луѓе на неколку водечки банки во земјава. Наспроти нив, од Македонска банка велат дека вакво решение нема никаде во светот.
– Никаде не постои решение гувернерот да продава акционерски капитал. Тоа е исто како некој да ви влезе дома и да ви го продаде мебелот. Ваква одредба ќе биде поништена во сите судови во земјава, дури и во Стразбур, а тоа е лош знак за странските инвеститори – вели Љубомир Михајловиќ, претседател на Управен одбор на Македонска банка.
Според него, супервизијата на банките не смее да биде под контрола на Народната банка, тука треба да се формира посебна Агенција за супервизија. За пример тој ја посочува Германија каде супервизијата ја врши Сојузен уред за контрола на банките.
Ваквите реакции за гувернерот Гошев се очекувани.
– Нормално е одредбата од законот на некои да не им се допаѓа. Тие што се помалку дициплинирани, да негодуваат. Решението е нужно во ситуација кога Централната банка има издадено решение на некој акционер да ги отуѓи акциите, а тој тоа не го прави и по истекот на рокот. Тогаш тоа е следниот чекор што треба да го преземе Централната банка – изјави за “Вечер”, гувернерот Гошев.
Според него, одредбата е сосема во ред и е во насока на зацврстување на банкарскиот систем во земјава.
Весна М. БОЖИНОВСКА