Гувернерот на Народната банка на Македонија вчера одлучил кој ќе бидат новите директори на Дирекциите во Централната банка, а кои досегашни први луѓе ќе треба да заминат откако заврши интерниот конкурс на кој можеа да конкурираат сите досегашни директори, но и сите вработени во Банката. Од извори од НБРМ дознаваме дека по основа на тоа што се укинуваат пет дирекции, нивните први луѓе остануваат без фотелји, а од 12 дирекции кои остануваат, пет досегашни директори заминуваат и на нивно место од вчера се назначени нови имиња. Игор Давков е новиот директор на супервизијата на местото на Илија Граорковски, од директорска функција се збогуваат и Вилма Трајковска, која ќе биде советник за прашања од нејзин ресор (таа до сега била директор на Дирекцијата за публицистичка дејност) и Добри Мицковски, кој заминува од функција директор на трезор и на негово место е назначен Драган Смиљановски. Нов директор на Дирекцијата за централни банкарски и девизни операции е Весна Контраденко, која доаѓа на местото на Зора Буклеска. Седум од досегашните директори ги задржуваат своите функции, додека за фотелјата директор на Дирекцијата за ревизија конкурсот се уште е во тек. Новиот директор на Дирекцијата за правни работи е Јанче Лековски од каде си заминува Снежана Бундалевска, а од директорска фотелја се збогуваа и директорите на Дирекциите за девизна документација и за обезбедување, чиишто дирекции целосно се укинуваат. (В.М.Б.)