x

ГОТОВО Е: „Кралевите“ се вратија на престолот во Шпанија! (видео)

Реал Мадрид е новиот шампион на Шпанија. „Кралевите“ ја симнаа Барселона од врвот и седнаа на престолот по 34. пат во историјата. Вечерва им требаше победа над Виљареал на домашен терен, а тоа и го направија (2:1, два гола на Карим Бензема). Па така четата на Зинедин Зидан ја освои титулата во Ла Лига за првпат по 2017 година.

Кралскиот клуб по паузата поради коронавирусот беше незапирлив. Ги доби сите 10 натпревари, додека Барселона се сопнуваше и губеше поени. И покрај честите критики дека судиите им помагаат затоа што лесно им свират пенали, фудбалерите од Мадрид си молчеа и ги кршеа ривалите. Како што победуваа паниката во Барса стануваше се поголема.

„Кралевите“ ја освоија титулата, а Барселона само може да си ја бара вината за неуспехот во своите редови и лошите настапи по рестартот на сезоната.

Сега Реал ќе се фокусира на ЛШ каде што ќе атакува и на европската круна.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата