x

Горан Здравков: Готово е со играчката кариера, време за тренерски предизвик!

 

Горан Здравков од вчера и официјално е нов шеф на струката на Саса, второлигаш од Македонска Каменица. Иако се очекуваше популарниот  Чалам да одигра барем уште една сезона, сепак тој одлучи да стави крај на фудбалската кариера, и веднаш да ја почне тренерската…

“Па, мислам дека е доста. Она што му го дадов на фудбалот тоа е. Мислам дека е време сега да се пробам како тренер. Не се двоумев да ја прифатам понудата од раководството на Саса, се со цел да го продолжиме проектот кој го започна поранешниот тренер Мите Митев. Имаме добра екипа, веројатно и ќе се засилиме, па така со напорна работа сметам дека ќе можеме во претстојната сезона да атакуваме кон горниот дел на табелата во Втората лига – исток. Македонска Каменица е феноменална средина, треба само да се работи“ вели за СПОРТМЕДИА новиот стратег на “рударите“.

Како човек кој не крие дека Брегалница, како и на секој штипјанец, му е во срцето, како тој ќе се однесува кога Саса ќе игра против штипските “сини“.

“Ха, ха.. знаев дека тоа ќе ме прашате. Видете, јас не ги кријам моите емоции кон Брегалница, но сепак прво сум професионалец. Јас и како фудбалер во минатото кога играв против Брегалница тоа сум го докажувал. Секогаш сакам мојата екипа да победува, било тоа да сум играч на Саса или тренер на Саса, па и против Брегалница. Од друга страна им посакувам на штипјани во оваа сезона да бидат први и да влезат во елитата, според мене Брегалница има најдобар тим во Втората лига – исток и е прв фаворит“ заврши Чаламот.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата