Познатите костуми и розовиот “кадилак” кои му припаѓаат на Елвис Присли се само дел од 300-те предмети кои се изложени во лондонската О2 арена, најголемата европска изложба организирана во чест на кралот на рокенролот.

Повеќето од предметите изложени во Лондон никогаш не го напуштиле Прислиевиот Грејсленд во Мемфис, а меѓу избраните предмети се костумите, инструментите и накитот, кои се сместени во реконструираната внатрешност на неговиот дом во Тенеси.

Меѓу “ѕвездите” на изложбата се кадилакот ко Елвис го користел за време на турнејата и кој подоцна го дал на мајка му, како и костум со американскиот орел кој го носел на познатиот Алоха концерт на Хаваите во 1972. Исто така, тука е и златниот костум од 1957 година, црниот кожен комплет кој го носел на кам-бек концертотво 1968 година.

“Ова е исклучително важно за нас. Ние се обидовме да избереме работи кои ќе ја интересираат публиката“ – изјави за “Гардијан” неговата поранешна сопруга Присила Присли, која се уште активно го води Грејсленд.

На изложбата ќе биде претставен и Бонго инструмент кој како подарок за Божиќ му го дала Присила, додека се уште се забавувале.

Посетителите ќе имаат можност да ја видат и билијард масата, на која Присли и Битлсите играле кога Ливерпулската четворка го посетила во 1965 година.

“Се сеќавам дека Ленон само се гледаше во масата, на Елвис му беше срам. Потоа Елвис зеде гитарата и почна да пее- тие беа фасцинирани од него“ – се сеќава Присила Присли.

И Присила и нивната ќерка Лиза Мари ќе бидат во Велика Британија за време на Божиќ. Лиза Мари минатата година се пресели во една куќа јужно од Лондон, а Присила Присли игра во пантомимичарско шоу во Манчестер.

Изложбата во Лондон ќе биде отворена до 31 август.