ГОДИШНО СЕ СОЗДАВААТ 420.000 ТОНИ ЦВРСТ ОТПАД
Македонија е преплавена со регуларни и диви ѓубришта каде што на едно исто место се фрла отпадот од домаќинствата заедно со комерцијалниот, индустрискиот, земјоделскиот и медицинскиот отпад. Годишно на територијата на државава се создаваат 420.000 тони цврст отпад, од кои над сто илјади се депонираат на скопската “Дрисла” каде што има контролирана и заштитена депонија, додека депониите во другите населени места се неорганизирани, санитарно незаш- титени и се поставени на несоодветни локации. Практично, колку што има населени места во земјава толку има и диви депонии. Екологистите веќе подолго време предупредуваат дека ѓубриштата се потенцијална бомба за енормно загадување на површинските и подземните води што директно се одразува на квалитетот на живеењето. Можат да предизвикаат појава на заразни болести од пошироки размери, бидејќи ваквите места се посетувани од кучиња и мачки-скитници, а не ретка е сликата по отпадоците да буричкаат и сиромасите. Во земјава постојат повеќ е критични локации, тоа се во југозападниот дел, североисточна и централна Македонија, каде степенот на загадување е многу висок. Во Министерството за животна средина велат дека цврстиот отпад е сериозен проблем што мора што поскоро да се реши. “Според физибилитистудијата за управување со цврстиот отпад во југозападниот дел од Македонија во која се опфатени 37 општини, е предвидено да се изгради една регионална санитарна депонија во близина на прилепското село Тополчани, три големи трансфер-станици во Охрид, Кичево и Битола и седум мали претоварни точки во Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево, Делогожди, Велешта, Лабуниш та и Вевчани. Додека во руралните средини се планира инсталирање на околу 200 приемни точки”, вели директорката на Службата за животна средина, Пандора Никушева, која очекува реализацијата на овој проект да стартува во текот на 2006 година. За североисточниот и централниот дел на земјава, каде се опфатени 25 општини, предвидена е изградба на две санитарни депонии, но локациите се уште не се одредени. Никуш ева вели дека се уште не е одлучено на кој начин ќе биде третманот на отпадот: дали со складирање на депонија во времетраење од 20, 30 или 50 години или со палење на отпадот со ладна пиролиза до 500 Целзиусови степени со што согорува целиот отпад, без претходно селектирање, а безбедноста во однос на аерозагадувањето е многу висока. Според неа, втората варијанта е поисплатлива, бидејќ и гасот што се добива при согорувањето може да се користи за добивање струја, малото количество пепел може да се искористи во градежништвото, со што вложената инвестиција се враќа само по една година експлоатација.
СВЕТЛАНА БЛАЖЕВСКА