На почетокот на пролетта кога се појавија на рафтовите во маркетите и на тезгите по пазарите, црешите и јагодите се продаваа по многу висока цена, но како им поминува сезоната, цената полека им паѓа, па потрошувачите можат полесно да си ги купат. Меѓутоа, она што го забележавме на Зелениот пазар е големиот пад на цената на црешите кои минатата недела се продаваа по цена од 100 денари за килограм, а неделава можеа да се купат по значително пониска цена од само 20 денари за килограм.

Причината е увоз на цреши од Албанија кои се откупуваат зелени и се чуваат во ладилници додека да узреат, а потоа се продаваат на пазарите. Ситуацијата со јагодите е нешто поразлична. Тие се продаваат по повисока цена, но најголем дел се од домашно производство и се сочни и вкусни.

– Јагодите се од сопствено производство. Јас живеам во скопско Нерези и подолго време се занимавам со производство на јагоди. Досега нема муштерија кој купил од мене, а кој не се вратил пак, вели еден продавач на тезга на пазар.

Голем дел од продавачите на пазар рекоа дека јагодите не се увезени, туку дека се домашни од Чифлик, Нерези, од Марков манастир, Света Петка и Страчинци.

Од друга страна пак, голем дел од купувачите кои пазареа на Зелениот пазар во Скопје ни одговорија дека вкусот на црешите не е ист како минатите години.

– Навистина црешите многу се евтини, но не се вкусни како порано. Јас пред некој ден купив еден килограм но беа без вкус и полни со црви, па поголем дел ги фрлив. Купувам и јагоди, но тие годинава се добри, сочни се и вкусни, вели една купувачка на пазар.

Еден продавач на пазар, кој тврдеше дека продава цреши од сопствено производство се пожали дека увозните цреши од Албанија многу ја спуштија откупната цена на домашните цреши кои сега мора да ги продаваат по пониска цена за да бидат конкурентни.

– Морам да ја намалам цената, ако не ќе можам да го продадам и ова мало количество што го носам на пазар. Дневно берам по неколку гајби цреши и тие ги продавам пошто-зашто, за да стојат на дрво и да не ми скапат, вели еден продавач на тезга на Зелен пазар.

На пазарчето Буњаковец, кој важи за најскап пазар, јагодите се продаваа по цена од 100 денари, а црешите по 50 денари за килограм, а постои голема разлика во цените на црешите и јагодите кои се продаваат на зелените пазари и оние во маркетите во градот.

И покрај големата разлика, најголем дел од граѓаните пазаруваат во маркетите што им се најблиску до домовите, бидејќи немаат време, а и не мора дополнително да плаќаат за превоз. Но, има и такви што шетаат од пазар до пазар за да купат поевтино, а тоа најчесто се пензионерите во вторник и петок.

(А.С.)