Со приватен авион вчера на едночасовни средби со премиерот Владо Бучковски и со претседателот Бранко Црвенковски во Скопје пристигна првиот човек на “Матав”, Елек Штрауб. Официјално, според агендите на Бучковски и Црвенковски вакви средби немало, а Штрауб и во Владата и во Парламентот набрзина влезе и излезе преку службени влезови. Ваквите, речиси инкогнито средби, како што објаснија од државните институции, наводно било по барање на обезбедувањето на првиот човек на “Матав”. Поради средба Штрауб – премиер на Македонија, во декември беше откажана седница на бордот директори на “Телеком” бидејќи се чекаше назначување на нов премиер, а на онаа во јануари се усвои бизнис-планот, но без клучните прашања. Официјално од Владата соопштија дека разговорите биле успешни и дека била постигната согласност по сите прашања за кои се разговарало, односно околу дивидендата, новите вработувања и ребрендирањето на “Мобимак”. За продажба на акциите кои Владата ги има во Компанијата, наводно, не било зборено. И двете страни се имаат договорено годинава да поделат двојно поголем колач како дивиденда, што ќе значи и многу помали инвестиции на компанијата. Владата ќе добие дури 42,2 милиони евра, а аналогно на тоа “Матав” ќе земе двојно повеќе. Во разговорите бил постигнат договор во следните три години во Компанијата да се вработат нови 250 млади стручни домашни кадри. Бројката на нововоработени сега е помала од она што претходно било договарано на иста ваква средба кога Црвенковски беше премиер и кога станало збор за бројка од 350 нови вработувања. Што се однесува до спорните отпуштања, ставот на нашата страна бил тоа да може да се прави само во согласност со Синдикатот, како што впрочем е наведено во колективниот договор. Согласност била постигната и за ребрендирање на “Мобимак” и на “Македонски телекомуникации” кои ќе се викаат “Т мобил”, односно “Т-ком Македонија”. Промена на имињата на компаниите кои се под капа на “Дојче Телеком” е инаку процес кој веќе е започнат во другите земји (во Унгарија и Хрватска), а и “Матав” годинава ќе го смени името во “Т-ком Унгарија”. Златната акција која ја има државата во “Телеком” единствено и може да се искористи само при промена на името на Компанијата. Од ребрендирањето на Мобимак, за што договарање ќе почнат некаде во февруари, Владата ќе добие меѓу 10 и 12 милиони евра. Промена на името на “Телеком” ќе биде направено во текот на годинава.


Зденка ПАВКОВИЌ