x

Гого другар, ова не е збогум, ова е само довидување

gogo

Огнен Дојчиновски

Вардар и навивачите на најголемиот македонски фудбалски бренд, денеска има за што да жалат. Замина еден од основачите на нивната навивачка група „Комити“, Горан Костадиновски Гого, кој вчера почина во 51. година од животот.

Легенда на скопската тифо сцена, Гого го паметат сите како еден од  оние кои се поим, синоним за „црвено – црната“ боја, за она што значи навивање за Вардар, за култната Западна трибина. За она што значи живот посветен на еден клуб, за генерации на млади момци кои израснаа под водство на Гого и љубовта кон Вардар, кон тој свет клуб за Скопјани, и за сите кои се поистоветуваат со него.

За оние кои Вардар им е во крвта има илјадници, приказни, „дешавки“, муабети. Живата „енциклопедија“ за Вардар, фотографот Петр Стојановски наш колега, популарниот Перо Комита, за својата љубов кон Вардар знае да ми каже мали нема лек „за рак и за мерак“.

Е нема за жал. Затоа и Гого повеќе го нема.

„Отиде другар ми Гого. Триес години сме другари….“ – ми се јави утринава и ми рече ќе ти пратам убави слики направи убав текст. Заслужил дечкото многу повеќе ама….

Плаче Перо Комита, плачат сите Комити, верни навивачи, на Запад пишани… вака оди песната една од многуте на навивачите на Вардар. А Гого создаде еден куп од нив. Ќе се пеат и ќе се слави засекогаш животот и делото на оној што го остави срцето за Вардар. Во спомен на оној што испишал историја на овој клуб, во името на сите некогашни, сегашни идни Комити за сонот да им се оствари….

Навивај Гого од небото за Вардар зошто на Вардар сега му е потребна помош и од таму. Од секаде. Нека твоите идеали и борба низ годините биде знак конечно некој да се рабуди и да му помогне на клубот кој го јаде канцер одвантре, однадвор и кој полека полека умира. Ова не е збогум со тебе ова е само едно довидување до некое друго место во кое и ти и твојот омилен клуб повторно ќе бидете среќни, ќе веете бајрак и шал и ќе викнете на цел глас „Комити знаме на Запад веат….

Гого ќе остане запаметен и како творец на една од најубавите навивачки песни некогаш направена. Текстописец на легендарната „Навивачка“ на бендот „Дени те чува“ која е синоним за навивањето и бодрењето на нашата Македонија.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата