“Не бевме нешто при пари за да платиме, и ја немаме економската програма на Владимир Глигоров, која ја има на сајтот на Виенскиот институт за компаративни студии”. Ова беше срамежливиот одговор кој вчера го добивме од високи функционери во економските ресори на Владата на кои на сите поединечно им е сугерирано дека може да ја отворат и видат Економската програма на експертот Владимир Глигоров, која при последната посета ја испофали “господарот на дупките” и економскиот советник на Владата, Германецот Теодор Вајгел. Таа е јавен документ на Виенскиот институт и во “тврд повез” чини 70 евра, а во електронска форма (ПДФ формат) 65 евра. Инаку програмата е изготвена по нарачка на Кабинетот на претседателот Црвенковски и како нејзини автори стојат Владимир Глигоров и Силвана Мојсовска. На прашањето колку, пак, претседателот на државата го чинеше оваа студија за економската состојба во Македонија – во Кабинетот исто така се снебиваа, срамежливо велејќи дека најверојатно ништо, и дека еден период биле пред мисла за откажување од проектот ако Глигоров побарал голема сума пари за истражувањето. Во тој момент “втрчал” Виенскиот институт, кој делумно партиципирал во изработката на програмата, но во финансирањето помогнале и други европски фондови, пред се Пактот за стабилност. Кругот бил Глигоров, Ерхард Бусек и Теодор Вајгел, кој се сретнал со Бусек и од него ја добил програмата. Оттаму тој дошол назад во Македонија со истата програма, со грст пофални зборови за неа. Програмата е во два дела на 64 страници, со 41 табела, 7 поглавја и носи наслов “Истражување за стабилноста без растеж”.


ШТО И` ПОРАЧА ГЛИГОРОВ НА ВЛАДАТА
Ослободете ја валутата и инвестирајте во инфраструктурата!
“Во текот на транзицијата Македонија уживаше во стабилност на цените, но немаше развој. Како последица на тоа, во земјата стапката на невработеност е многу висока. Макроекономската политика, која беше избрана во 1994 година и која оттогаш се следеше, беше доволна за стабилност, но не и за развој. Македонија се одлучи за утврденото врзување за германската марка, а потоа за еврото. Таа ја девалвира својата валута – денарот само еднаш во 1997 година. Го поддржа курсот со рестриктивна монетарна политика која ги одржуваше високи каматните стапки. И двете поставија пречки за внатрешната и надворешната либерализација. Покрај ова, се следеше политиката на фискално ограничување, со исклучок на повремени покачувања на самоволното трошење, за што подоцна беа потребни фискални приспособувања. Така, макроекономската политика не и одговараше на земја што се соочуваше со значајни шокови, бидејќи поради неа таа остана без амортизери на шоковите. Алтернативната економска политика започнува од следните согледувања: јавните трошоци се прилично ниски, јавните и странски долгови се умерени, а монетарната и фискалната политика се рестриктивни, иако вистинскиот раст е далеку под потенцијалниот раст. Претстојните реформи ќе доведат до зголемена конкурентност и либерализација. Овие согледувања го сугерираат следниот збир на политички промени: монетарната политика треба да биде поактивна; да се напушти врзувањето на валутата како со котва, со цел прифаќање на борбата против инфлацијата како цел. Со тоа целта ќе биде да се задржи стабилност на цените при ниско ниво на каматните стапки. Јавните трошоци треба да се зголемат за да се постигнат целите на развојот. На Македонија и се потребни инвестиции во инфраструктурата и комуналните услуги. Како транзитна и потенцијална туристичка земја, овие инвестиции се чинат разумни. Приоритетите добро се познати, особено кога се работи за зајакнување на владеењето на законот – ова се кажува во краткото сиже на Програмата на Глигоров.


Виолета ЦВЕТКОВСКА