Крајно неодговорно е и себично во овие тешки моменти за државата, партиите да очекуваат цели 4.7 милиони евра за свои потреби од народната каса. Впрочем тоа се наши пари, кои тие во четири очи ги зголемија минатото лето за фантастични 2.5 пати.Безусловно, да се откажат од парите кои ни се на сите потребни токму сега, за справување со невидената криза каква има еднаш во столетието, порачуваат од Глас за Македонија.

Партијата смета дека со тие пари може да се изгради и опреми монтажна болница со 1000 кревети, каква може да затреба многу бргу, можат да се набават над 50.000 тестови за корона вирусот и да се снабдат аптеките со потребните заштитни средства.

„Глас за Македонија смета дека ова е клучниот момент еднаш да се прекине со народниот грабеж кога станува збор за партиското финансирање. Нека ги затворат сите непотребни и во 99% преку целата година затворени дуќанчиња, кои изигруваат месни, општински, маалски, улични и какви се не комитети и одбори. Каде го има ова? Сите тие дуќанчиња ги плаќаат граѓаните.Нека покажат на дело цивилизирано однесување. Во ниту една развиена земја, партиите не тонат во луксуз, несразмерно на националната економија.

Тие кои најмногу добиваа со децении, треба први да дадат пример. И нека не мислат дека во моменти на борба за секој живот, некој утре од сентимент ќе гласа за партија која себично скусила од болните.Сега е срамно да се поставуваат било какви услови. Безусловно да се откажат од нашите пари, веднаш, за пример. Ги очекуваме и сите други мерки кои ќе одат во насока на намалување на платите на функционерите и државниот апарат, на сметка на приватните, мали, семејни фирми кои се најпогодени во кризата“, се вели во соопштението.

извор: Makfax