Штедачите на “Радо банка”, и по речиси два месеци откако Советот на НБРМ ја потврди одлуката на гувернерот Петар Гошев, со која оваа банка отиде во стечај и ликвидација, никако да ги добијат своите пари. Неизвесноста деновиве станува се поголема бидејќи списокот на штедачите по кој тие треба да се обесштетат, а на кој се чекаше толку долго, е неупотреблив. Како што не информираа од Фондот за осигурување на депозити, пред два-три дена тие конечно го добиле списокот од “Радо банка”, во електронска верзија, но со толку многу грешки и вон правилникот на Фондот, што тој воопшто не е валиден. Фирмата “Еуроник консалтинг”, која го води стечајот и нејзиниот директор Радослав Кипровски, по два месеци чекање го “стокмија” списокот на штедачите, но поради грешките тие ќе мора уште да почекаат за да им бидат вратени парите. До кога, никој од одговорните не знае да каже бидејќи од вчера Кипровски заминал на годишен одмор, а од “Радо банка” велат дека го оставил само книговодителот.
Од Фондот за осигурување на депозити стравуваат кога целата работа ќе се заврши бидејќи рокот да бидат обесштетени истекува идниот месец. Според Законот за Фондот, тој е должен во рок од три месеци да ја започне исплатата, во спротивно консеквенците ќе ги сноси оној што ја кочи целата постапка.
Во Фондот велат дека тие се целосно подготвени за исплата. Сервисирањето ќе оди преку една од македонските банки, за што понудите веќе се разгледуваат. Во потесен круг се влезени “Комерцијална банка”, “Поштенска”, “Уни банка” и “Прокредит банка”, а деновиве Управниот одбор на Фондот ќе одлучи која од нив ќе биде избрана да го изврши сервисирањето.
Во оваа банка, на име на заштеда на граѓаните заглавени се околу 1,5 милиони евра, или 90 милиони денари. Согласно законската регулатива, Фондот за осигурување на депозити ги исплатува штедачите со влогови до 10.000 евра, во износ од 100 отсто од влогот, а оние меѓу 10.000 и 20.000 евра – во вредност од 90 проценти, но не и тие повеќе од 20.000 евра.


Весна М. БОЖИНОВСКА