Откако го “ослободуваше Скопје” во Велес и Битола, носителот на македонски пасош Раде Шербеџија деновиве го снима “Ослободувањето на Скопје” во Скопје. Последната клапа ќе падне кон крајот на неделава, а вчера кај Рубин Кармин се снимаа сцени со фашисти, автомобили од Втората светска војна…

Од фотографиите може да се види сцена со стражарска куќарка, стражар, рампа на која стои препознатливото германско “Халт”, како и офицерски автомобил, карактеристичен германски воен трицикл, бугарско знаме…

Шербеџија не игра во сцената што се снимаше вчера, па на сетот не носеше облека “од минатиот век”, каде е сместено дејствието на филмот.

Пред неколку дена Шербеџија во Битола изјави дека премиерата, најверојатно, може да се очекува во септември, можеби на фестивалот “Браќа Манаки”.

Главната улога во “Ослободувањето на Скопје” ја игра десетгодишниот Давид Тодосовски, Силвија Стојановска ја игра Ленче, а Шербеџија – Ѓорѓија. Небојша Глоговац е Душан, Петар Мирчевски – агентот Господинов, Дејан Лилиќ е Милчо, Денис Абдула – Бале, а Аксел Мехмед – Тасим. Ќерката на Шербеџија, Луција, ја доловува улогата на Лица.

Директор на фотографија е Дејан Димески, дизајнер на продукција Иван Бартлиг, костимограф Жељка Франуловиќ, а музиката е на Влатко Стефановски и на Туомас Кантелинен. (Де.Т.) ФОТО: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

Шербеџија три пати во филмови за Тесла

Според информациите на најголемата интернетска филмска база ИМДБ, по “Ослободувањето на Скопје” Шербеџија ќе игра дури во три филмови за Никола Тесла, еден по друг!