Германците се меѓу народите кои со задоволство и многу одговорно плаќаат даноци за финансирање на јавните добра, покажува испитувањето на Институтот за економија од Базел (Institute of Commons and Economics), спроведено за Обединетите нации, а пренесуваат германските медиуми.

„На скала од 1 до 10, при што 10 претставува највисоко ниво на прифаќање за плаќање на данок, Германија бележи највисока измерена вредност од 7,0“, информира германската агенција ДПА во врска со резултатите од истражувањето, а пренесува хрватски „Индекс“.

Според истите информации, граѓаните на балканските земји не сакаат да плаќаат даноци. Најниска вредност е забележана во Македонија (3,2), потоа во Црна Гора (3,9) и Србија (4,1).

Базелскиот институт истражувањето го спроведувал во последните три години во 141 земја и тоа со прашање во која мерка жителите на една држава имаат волја да платат данок за финансирање на јавните расходи за социјалниот систем, здравствената заштита, јавните медиумски сервиси и културните организации. Целосните податоци од истражувањето ќе бидат објавени во март годинава.

Германската влада во моментов работи на подготовка на анкета во која германските граѓани ќе треба да се изјаснат дали се задоволни со тековните даночни стапки. Врз основа на резултатите од истражувањето, министерот за финансии и заменик-канцелар Олаф Шолц треба да подготви реформа на германскиот даночен систем.

извор: Makfax