Управата на едно кино во градот Хакенбург предизвика жестока дебата во јавноста, откако е објавено дека на Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот (27.1.), за членовите на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АФД) влезот во киното во кое ќе се прикажува „Шиндлерова листа“ е бесплатен.

„Ова е уште еден евтин обид АФД да се турка во близина на националниот социјализам”, кажа претседател на огранокот на АФД, Уве Јунг.

„Поврзувањето на АФД  со организираното и систематско уништување на Евреите во концентрационите логори е недозволив испад”, се вели во соопштението.

Претседателот на паламентот на сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, Хендрик Херинг преку „Твитер“ ја поздрави киноакцијата во Хакенбург..

Управата на киното соопшти дека нивната цел не е провокација на АФД туку сакаат да понудат „место за дискусија”.

Локалната полиција започна истрага откако на социјалните мрежи се појави заканувачко видео во кое се зборува за експлозив кој би можел да се постави во киното.

Тема на филмот „Шиндлерова листа“ на американскиот режисер Стивен Спилберг од 1993 година е дејствувањето на германскиот индустријалец Оскар Шиндлер, кој за време на националсоцијалистичкиот режим спаси над 1.000 Евреи од смрт во концентрационите логори.

Социологот на Универзитетот во Лајпциг, Холгер Ленгфелд, за јавниот сервис АРД, тврди дека ваквите акции не водат кон дијалог, туку само го зголемуваат социјалниот конфликт.

извор: Makfax