Поранешниот новинар Митко Јованов, кој сега живее во Штутгарт, Германија пишува за односите помеѓу Македонија и Бугарија, преку извештај на германската војска односно нејзината разузнавачка служба од 1943 година .

Јованов напоменува дека ова е дел од неговата докторска дисертација на тема: „Македонското прашање и ВМРО во германската надворешна политика на Балканот од 1933 до 1944 година“

 Во извештај од 28 септемрви 1943 година на германската команда за Југоисток со седиште во Белград кој тематски се однесува за состојбата во Македонија, се посветува внимание за отпорот на Македонците кон Бугарите. Командантот за Југоисток ги известува своите претпоставени во Берлин за се поголемата одбивност на Македонците спрема Бугарите и зголувањето на отпорот на македонското население кон нив. Во извештајот пишува; „Одбивноста на Македонците спрема Бугарите е поради многу причини. Една од нив е и бугарското однесување кон Македонците. Во редот од многу причини е и таа што најдобрите и најдоходовни позиции во државната администрација во вардарска Македонија се заземени од Бугарите, додека Македонците се ставаат во подредена положба. Со ваквата ситуација Македонците не можат да се помират. Македонците ваквото однесување од страна на Бугарите го доживуваат како понижување и навреда. Тие не можат никако да се помират и прифатат дека се ослободени од Бугарите, како што бугарските власти постојано и во секоја можна прилика го повторуваат. Може слободно да се каже дека Бугарите кои се дојдени на служба во вардарска Македонија, поради нивното однесувањето, македонското население ги смета за скржави, недостапни, недруштвени, и најчесто им се одбивни, пишува Јованов.

Според него, токму поради ваквите особини и однесување, Македонците многу тешко ги прифаќаат Бугарите.

Од друга страна пак Бугарите ги напаѓаат Македонците дека се наклонети кон Србите и дека за време на владеењето на Србија, преземале многу српски особини како што се мрзеливост, пијанчење, превртливост, негрижа итн. А Бугарите пак си ја поставиле задачата да ги искоренат овие навики кај Македонците а со цел да ги направат примерни луѓе. Но, Бугарите се во заблуда, бидејќи Македонците не ја прифаќаат вистината која Бугарија им ја прикажува, затоа бугарската полиција презема се понасилни мерки спрема населението. Бугарите вршат терор врз Македонците и заради тоа што го употребуваат српскиот јазик, кој пак во изминатите 25 години се употребувал и бил официјален јазик во вардарска Македонија. Поради изговарање на српски зборови, Бугарите ги малтретираат Македонците. Бугарските учители испратени на служба во Македонија преку училиштата вршат груба индоктринација на учениците со цел од нив да направат националисти и шовинисти. Крајната цел е да постигнат Македонците да ги мразат Србите. Ваквата практика доведува дури и до внатрешни судири во семејствата, до заострени односи меѓу родителите и децата. Поради се поголемиот отпор кај населението, Бугарите почнаа да шират разни стереотипи и да ги третираат Македонците како неспособни луѓе, кои биле заведени од Србите. На тој начин Бугарите настојуваат да предизвикаат кај Македонците чуство дека се луѓе со пониска вредност а со надеж дека ќе можат полесно да ги потчинат“ . Во извештајот се вели дека Бугарите се однесуваат кон Македонците со истите методи како и Србите претходно. „Токму затоа реакцијата на Македонците кон Бугарите е истоветна како спрема Србите до 1941 година. Македонците до 1941 година се стремеле да се ослободат од Србите а сега пак се борат да се ослободат од Бугарите, пишува Јованов во својата докторска дисертација.

Понатаму во извештајот се наведуваат последиците кои почнуваат да се случуваат како резултат на однесувањето на Бугарите.

Поради лошиот однос на Бугарите кон Македонците и секојдневните малтретирања, се повеќе луѓе почнуваат да развиваат и симпатии спрема Србите. Се почесто се употребува српскиот јазик и од страна на луѓе кои според своето минато поведение, најмалку може да бидат означени како просрпски настроени.

 

Големите градови како Прилеп, Велес, Штип и други за кои Бугарија сметала дека има најголемо влијание, токму во овие места луѓето почнаа да им даваат најсилен отпор. За еден верски празник во манастир во близина на градчето Крива Паланка, се собраа млади луѓе кои во дворот на црквата почнаа да пеат српски песни во знак на револт спрема Бугарите. На ваквото однесување бугарската полиција почна насилна акција и притвори дел од луѓето.

 

Уште во првата година откако Бугарите навлегоа во вардарска Македонија, мнозинството Македонци ги доживува како странска сила која им е наметната. Таквиот однос на Медонците кон Бугарите го манифестираат преку изразување незадоволство и прижање отпор а со цел протерување на Бугарите и стремеж за постигнување на независност преку формирање на своја македонска назависна држава. Во отпорот на Македонците спрема Бугарите се повеќе влијание има и комунистичката идеологија, пишува Јованов.

Во неговата докторска дисертација Јованов додава дека идејата за постигнување независност станува се пораширена и со големо влијание меѓу македонското население чие остварување го гледаат преку стекнување целосна автономија во рамките на една јужнословенска држава.

Кај населението преовладува веќе желбата да се постигне независност како од Бугарите така и од Србите. Тие посакуваат да решаваат самите за својата судбина. Движењето кое ја застапува и шири ваквата идеологија во прв ред го сочинуваат интелектуалците а поддршка имаат најмалку 80% од селанството кои им се приврзаници. Движењето станува од ден во ден се помасовно. Во секој град има веќе организациони единици кои дејствуваат во реализација на главната цел-основање независна македонска држава. Овој бран не може да биде сопрен веќе, без оглед колку Бугарија ќе употреби репресија. Идејата за македонска држава ќе биде постојан фактор за немири на Балканот ако таа не се реализира. Третиот рајх може да ја овозможи реализациајта на оваа цел на Македонците ако Бугарија го напушти сојузот со нас како што се наговестува. Во спротивно ќе треба Германија да преземе и присилни мерки наспрема Бугарија за да се реализира желбата на населелението за своја македонска држава, пишува Јованов.

Во анализата се нагласува дека на стремежот на Македонците да имаат своја држава со големо значење му пристапувала и Италија се до нејзината капитулација. И дека голем дел од Македонците се надеваат дека нивната желба за своја држава, ќе биде одобрена и од англоамериканците ако тие решаваат на крајот од војната.

На крајот врховниот командант за Југоисток заклучува;
„Мнозинството од населението пружа отпорот кон Бугарите и тој станува се помасовен. Бугарија треба веќе да е свесна дека таа е нерпифатлива за македонското население и дека ќе мора да ја прифати реалноста, бидејќи се увери дека Македонците одбиваат да бидат Бугари“ .
За констатациите на Германските воени и други службеници кои биле на служба во Македонија, дека населението во Македонија не е со бугарска свест, се зборува и во извештајот на германската команда на Вермахтот за Бугарија испратен до германското аташе во Софија. Извештајот се однесува на политичката состојба на границата меѓу Македонија и Албанија. Во него се зборува за обидите на Бугарија да го прикаже македонското население за бугарско и за таа цел ги користи и непријателски односи меѓу Македонците и Албанците кои постојат во голема мера во овие области, имено Бугарија се обидува да се наметне како заштитник на Македонците, сметајќи ги за Бугари.

Во извештајот се наведува;
„Покрај тврдењата на Бугарија дека станива збор за бугарско население во овие краишта од Македонија, сепак реланоста е сосема поинаква. Само еден мал дел од населението е пробугарски орентирано. Истотака мал дел се просрпски настроени. Но најголем дел од Македонците се залагаат за своја независна македонска држава. Од тие кои се залагаат за самостојна држава, најголем дел се задоени со комунистичка идеологија. Токму комунистите се водечки елемент во движењето за создавање македонска држава“ .

Во извештајот се констатира дека денешната ситуација е драстично изменета споредено со таа од 1918 година од кога вардарска Македонија ја запоседнува Србија. Одреденото влијание кое го имала Бугарија до пред 1918 година, сега е во голема мера изгубено.
„Бугарија не ги разбира приликите кои владеат денеска во Македонија. Таа не може да разбере која е причината што мнозинството Македонци стануваат прокумунистички ориентирани. Причината за поддршката на Македонците на Комунистичката парија, е уште од времето пред војната. Во годините под срспка власт, Македонците се свртуваат кон Комунистите, затоа што граѓанските партии биле со големосрпска идеологија и главно биле шовинистички насочени кон Македонците. За разлика од тие партии, Комунистичката партија им ја признавала нивната желба за формирање своја држава“ .