Канада и Германија треба да бидат обединети, како дел од „мултилатералниот сојуз” против нарушувачките сили како американскиот претседател Доналд Трамп, Русија и Саудиска Арабија, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.

Социјалдемократот Маас изјави дека земји како Канада и Германија треба да се обединат во алтернативен светски поредок, бидејќи „на вредностите и интересите им се заканува занемарување од Вашингтон“.

Говорејќи на истиот настан, неговата канадска колешка Кристија Фриленд рече: „Aвторитарните режими се обидуваат да нè поткопаат … факт е дека авторитаризмот е во пораст, и време е либералната демократија да го возврати ударот.“

И Германија и Канада имаат голем удел во тесната економска, политичка и одбранбена соработка со Вашингтон. Двете земји се обидоа да најдат одговор на Трамповата стратегија „Америка на прво место“, во која е вклучено зацврстувањето на позициите околу трговијата и НАТО.

извор: Makfax