Германија би можела да воведе задолжително тестирање на коронавирус за сите луѓе кои се враќаат од одмор од земјите со ризик, бидејќи статистиката покажува дека бројот на нови инфекции во земјата е најголем во последните два месеца, изјави денеска министерот за здравство, Јенс Шпан.

Министерот во радио интервју изјави дека владата сака да стори сé што може за да го спречи понатамошното ширење на вирусот, истовремено почитувајќи ги основните човекови права.

„Во моментов проверуваме дали е во согласност со законот ако се одлучиме на задолжително тестирање, без да ја нарушиме слободата на поединецот или неговото право на телесна неповредливост“, рече Шпан.

Министерот, кој е еден од најистакнатите членови на конзервативната партија на германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека судските власти испитуваат дали сите преземени мерки за борба против коронавирусот се во согласност со основните човекови права.

Во петокот Шпан и неговите колеги од 16 германски покраини се согласија властите да обезбедат бесплатно тестирање за сите повратници од таканаречените ризични земји веќе на аеродромите и пристаништата.

Сите повратници од земји за кои се смета дека се изложени на голем ризик, како САД, Бразил и Турција, ќе можат веднаш да извршат тестирање, а сите што ќе пристигнат во Германија од други области и земји ќе бидат тестирани во рок од три дена.

Ако резултатите од тестот на лице кое се вратило од ризична земја се негативни, истото нема да мора да оди во изолација од 14 дена.

извор: Makfax