Германскaта министерка за земјоделство, Јулија Клекер, има намера да ги намали ограничувањата кога станува збор за убиство на волци, со цел да се намали нивнaта растечката популација која претставува закана за стадата на овци и кози.

Популацијата на волци се претпоставува дека ќе се зголеми за 30 проценти на годишно ниво, се наведува на интернет-страницата на германското министерството, но во исто време се укажува дека извонредниот успех во зачувувањето на овој див животински вид претставува закана за сточарите, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Волците пред повеќе од 100 години беа на раб на исчезнување во Германија, главно поради тоа што во германскиот фолклор важат за симбол на лукавост и опасност, но и поради тоа што сточарите ги ловеле со цел да ги заштитат своите фарми и стада, појаснува британската агенција.

Сепак, популацијата на овој вид диви животни успеа да се возобнови, а германското министерството за земјоделство тврди дека повеќе од 600 волци талкаат во северниот појас на земјата, од границата со Полска и Чешка до холандската граница.

Волците, според податоците на Министерството, усмртиле повеќе од 1.000 животни на фармите во 2016 година. Сточарите се жалат дека нивните стада се загрозени, а ловците оти волците го убиваат нивниот плен и ги оштетуваат дрвјата.

Од друга страна, групите кои се залагаат за заштита на животните и биолошката разновидност, ја сметаат за света и непроменлива законската регулатива за заштита на волците.

Во моментов, германските фармери имаат право на надоместок за домашните животни кои стануваат волчји плен, како и на субвенции за електрични огради за заштита од волци.

извор: Makfax