Реванш дуелот во Полска ќе даде одговор на прашањето дали репрезентативецот на Македонија и стандарден првотимец на романскиот гигант Стеауа, Даниел Георгиевски, ќе биде дел и од групната фаза во Лигата на шампиони. Без победник, 1:1, заврши првиот дуел во Букурешт, а на реваншот, веќе во вторник, тимот на Георгиевски има обврска да постигне најмалку еден погодок во мрежата на Легија од Варшава.

Импресивна победа од 3:0 во првиот дуел од последното квалификациско коло од најпрестижното клупско натпреварување забележа лондонскиот Арсенал.

Не само што полесно од очекуваното излегоа од турскиот пекол во Истанбул, избраниците на Арсен Венгер на најдобар може начин покажаа дека Фенербахче не им е дораснат противник и оти поразот во премиерата од новата сезона во англиската премиер лига е само една лоша епизода која нема да се повтори во скоро време.
– Игравме против многу добар противник во многу напната атмосфера. Сепак, го имавме вистинскиот карактер, знаевме како треба да се однесуваме од првата минута. Многу важна победа. Дојдовме со намера да оствариме добар резултат и да бидеме што е можно поблиску до планираната цел. Имавме целосна контрола и врз играта и врз резултатот. Арсенал загуби само на еден натпревар од месец март и никој не смее да игнорира тој факт, изјави менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер.

Збогум на групната фаза најверојатно ќе мора да кажат и фудбалерите на актуелниот шампион на Хрватска, Динамо (З), кои не ја искористија предноста на домашниот терен и на крајот сосема заслужено со 2:0 беа поразени од екипата на Австрија од Виена.

На чекор од реализација на зацртаната цел се и фудбалерите на Базел кои остварија сигурен триумф од 4:2 на гостувањето во Бугарија, а без победник заврши првата пресметка во Гелзенкирхен, помеѓу претставниците на Германија и Грција, Шалке и ПАОК.
Резултати: Динамо (З) – Австрија В. 0:2, Шалке – ПАОК 1:1, Фенербахче – Арсенал 0:3, Лудогорец – Базел 2:4, Стеауа – Легија 1:1.

Отказ за Јурчиќ
Раководството на Динамо (З) го отпушти тренерот на екипата Крунослав Јурчиќ по поразот дома од Австрија (0:2) во баражат за ЛШ. Јурчиќ го донесе Динамо до рекордната осма титула шампион изминатата сезона.
Помошникот-тренер Дамир Крзнар ќе го води Динамо (З) на реваншот со Австрија.