Генерален штрајк во здравството во почетокот на септемви, а во меѓувреме надлежните државни органи и институции треба да ги преиспитаат дел од зацртаните потези за реформа на овој сектор, затоа што последиците од нив покрај по здравствените работници ќе “удрат” и на сите граѓани. Ова е одлуката на Советот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита кој вчера повторно го активира и прашањето за социјалните плати на над 20.000 вработени во овој сектор, како и барањето за целосна примена на Колективниот договор, позиционирање на најниската единица плата од сегашните 3.400 на 4.600 денари и исплата на регресот.
“Има едне куп нерешени ситуации и аномалии во реформите кои негативно ќе се одразат на сите, предупредува првиот синдикалец д-р Симе Силјановски, според кој на вработените во здравството им “претекло” од преговори и договори по кои некој си тера како што сака. “Ветувања има, ама стоматолозите (околу 430) кои влегоа во концесионерство во мај се уште немаат добиено ни денар од она што им следува за секој месец во преодниот период. Сега под концесија се зацртува да оди речиси целата стоматологија и примарниот сектор, а со предложените законски измени на министерот му се дава право да ја приватизира секоја институција”, вели тој. Според Силјановски, се прават измени и дополнувањата на измените и дополнувањата, а за определните буџети на седумте пилот-институциии, јавниот сектор во внатреноста се гуши за сметка на Клиничкиот центар, кој е единствената установа, која добива зголемување на буџетот од 2, 4 на 3, 1 милјарда денари. “Дали тоа значи дека за здравствената заштита на граѓаните од другите региони треба да се инвестира во патишта, прашува Силјановски, укажувајќи дека повеќе од јасно е дека до крајот на годинава во здравството ќе биде скусена една плата. “Некогаш таа се исплатувала до осми во месецот, а сега некаде фаќа и 28, иако согласно со Колективниот договор платата мора да се префли најдоцна до 15-ти рече тој, потенцираќи дека во исто време додека ги тапка по рамениците власта преку своите мехнизми врши пристисок и ги блокира судските одлуки за исплата на неисплатени парични обврски по основ на дефинираните права.


Ристе НЕДАНОВСКИ