Некогашниот лидер на групата “Фобија”, Вангел Васов, многу попознат како Геле, деновиве е навистина многу активен. Дури три спотови во изминатите неколку месеци произлегоа од неговата продукција “Фитбек” врзани за неговото име. Не смее да се занемари работата со некои млади и надежни имиња од Скопје, од кои едно од тие имиња ќе настапи на претстојниот “Макфест”, а наскоро се очекува промоција на најновиот видео-запис за кавер верзијата на познатиот хит на легендарните Битлси “Еигхт даѕ’с а њеек” која Геле навистина одлично ја доловил. Со самиот спот тој ни дава и една целосна слика на сите изданија на легендарната ливерпулска група. Тоа бездруго не е се од “Фитбек” новостите. Понесени од успехот на хитот на неговата група “Фобија”, која се појави во 1995 година, наречен “Ноќен ритам” и по повод десетгодишнината од појавувањето на оваа прекрасна песна, Геле се одлучи да направи ремикс на истата тема “Ноќен ритам 2005” која ќе биде прилагодена на денешните модерни трендови во музиката, а сепак да ја задржи автентичноста од оригиналот. До крајот на годината го очекуваат настапи во Белград, Ниш, Нови Сад и на Гитаријадата во Заечар, каде веќе еднаш има настапувано со “Фобија”. Откако ќе се направат промоциите, Геле ќе ја пропатува и Македонија.