Граѓанско демократската унија (ГДУ) преку соопштение порача дека е неопходна промена на изборниот модел, а потоа може да се разговара за избори.

Од партијата велат дека двете најголеми политички партии СДСМ и ДПМНЕ се пазарат на повеќе теми, пришто најважни им се партиските интереси.

„Си договараат закон за Јавно обвинителство и си предлагаат обвинители без око да им трепне, правната фела ја игнорираат, исто како и Советот на обвинители. За пописот исто така најавија дека ќе разговараат, па дури и се согласија да зборуваат за предвремени парламентарни избори. Е арно ама најважното го заборавија. Промена на изборниот модел. Неопходно е да се промени сликата за Собранието и начинот на носењето закони. Собранието не смее да биде гласачка машинерија, а пратениците да му бидат по мерак на лидерот“, велат од ГДУ.

Тие го потсетуваат премиерот Зоран Заев дека во изборната програма од 2016 година, СДСМ има запишано оти ќе предложат пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Македонија да биде една изборна единица.

„Епа господа од власта сега е шансата да покажете дали ова е искрено ветување или чист популизам. Господа од опозицијата ова е шанса и за вас доколку навистина се борите против носењето на штетни законски решенија кои земјата ја враќаат назад. Прво промена на изборниот модел, па избори“, велат од ГДУ.

извор: Makfax