Струмичките земјоделци се заканија дека ќе ги остават доматите да изгнијат на нивите бидејќи откупната цена за килограм падна на само четири денари. Земјоделците од овој регион се во шок откако откупувачите успеаја откупната цена на гајба домати од осум килограми да ја намалат на 40 денари. Производителите се спремни да го уништат родот ако не се зголеми откупната цена за килограм. – Со овие ниски цени не можеме ниту да ги покриеме трошоците за берба на родот и за транспорт до откупните пунктови. А од каде ќе најдеме пари за орање на нивите, за семето, за ѓубрива и за наводнување на нивите. По се изгледа, годинава ќе работиме за без пари. Помош побаравме од Министерството за земјоделство и од Федерацијата на фармери, но одговор од нив се уште не сме добиле – се жали земјоделецот Ванчо Митев од струмичкото село Добреица. Од Федерацијата на фармери ја отфрлаат одговорноста за ниската откупна цена на земјоделските производи и велат дека до формирањето на новата Владата нивната работа целосно е блокирана. – Така ќе биде се додека не се формира новата Влада. Земјоделците годинава имаат богат род, но поради немање државна стратегија за развој на земјоделството, тие се во крајно незавидна состојба и не можат да ги покријат ниту трошоците за работењето – велат во Федерацијата на фармери. Според оваа организација, нема никакво решение ниту за пласманот на земјоделските производи, за што ја обвинуваат државата. Освен во струмичкото село Добреица, откуп на домати има и во селата Просениково, Пиперово и Куклиш. Прекупците се домашни, кои доматите ги извезуваат или ги продаваат на зелените пазари низ земјава. На скопските зелени пазари, доматите деновиве се продаваат за цена од 10 до 15 денари за килограм. (В.Ма.)