Гаранциите ја урнаа лицитацијата на Бизнис центарот
Долгоочекуваното јавно наддавање за продажба на зградата на Светскиот бизнис центар доживеа фијаско. Лицитацијата не се одржа вчера, иако за оваа атрактивна карабина интерес покажаа четири странски компании – словенечката “Елбис” и по една од Шпанија, Австрија и од Луксембург. Уште во стартот словенечката и шпанската компанија биле елиминирани поради несоодветна документацијата, а луксембуршката фирма самата се повлекла од натамошното лицитирање, со образложение дека не сака да влегува во аранжман за купување на објект без нерегулиран статус на земјиштето на кое е изграден објектот.
“Со оглед дека имаше само еден наддавач, согласно условите на распишаниот тендер јавното наддавање не можеше да се одржи”, истакна директорот на подрачната единица на Јавното станбено претпријатие за Скопје, Јанко Богоевски, кој по петчасовно чекање излезе да ги информира новинарите за текот на лицитацијата. Тој образложи дека двете компании кои пред лицитацијата биле изземени немале регулирано банкарски гаранции. Според него, едната гаранција не била конфирмирана од домашна банка, што било и услов за учество на лицитацијата, а другата гаранција била условена со земјиштето под објектот. Сите четири потенцијални лицитанти најавиле приговори за неодржувањето на јавното наддавање дури и компанијата којашто ги имаше сите услови да учествува на лицитацијата. Од Јавното станбено претпријатие најавија дека во понеделник ќе излезат со официјално соопштение зошто не се одржа закажаната лицитација и ќе ги најават следните чекори околу продажбата на оваа атрактивна зграда во центарот на Скопје.
Инаку, ова беше четврти тендер за продажба на зградата на Светскиот бизнис центар. За разлика од првиот тендер пред четири години кога интерес за овој објект пројави само швајцарската групација “Нигли груп”, а која пак веднаш потоа се откажа од купување на објектот, следните два тендери објавени годинава поминаа неуспешно бидејќи немаше заинтересирани за овој објект.
Светлана БЛАЖЕВСКА