Гарантен фонд преку кој државата ќе ги гарантира кредитите за малото стопанство, најверојатно, ќе профункционира при крајот на ноември, односно со задоцнување од два месеци. Наместо 30 септември, како што Владата зацрта во Акциониот план за спроведување на економската програма, овој Фонд, во блиска иднина ќе профункционира до крајот на месецот што е резултат на исполнувањето на последниот услов, а тоа е донесувањето на измените на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот. Овој законски проект по долго чекање конечно деновиве влезе во собраниска процедура и, како што дознаваме, се планира тој да се најде на дневен ред на наредната парламентарна седница.
Од Македонска банка за поддршка на развојот во чии рамки ќе се формира Фондот, велат дека сите подготовки се приведени при крај и дека единствено што се чека за да се комплетира и последниот услов за почеток со работа е да се донесат овие измени. Другиот услов беше државата да обезбеди средства за работа на Фондот, што е направено непосредно пред одморите со обезбедување 270 милиони денари со ребалансот на годинашниов Буџет. Средствата се обезбедени од дивидендата од Телеком.
Преку Гарантниот фонд државата со пари од буџетот ќе гарантира за враќањето на кредитите кои деловните банки ќе им ги одобруваат на малите и средни претпријатија. Целта е да се намалат каматите за кредитирање на малото стопанство и да се намали ризикот на банките за одобрување на кредити на овие фирми. Македонските мали и средни претпријатија кои имаат иновативни и извозно ориентирани бизниси ќе добиваат поповолни кредити од деловните банки, за кои како гарант за нивно враќање ќе се јавува и државата. Преку Гарантниот фонд, малите и средните претпријатија со издржани бизнис идеи ќе добиваат финансиска поддршка од 30 отсто од вкупната вредност на проектот. Македонската банка за поддршка на развојот, нема да функционира како деловна банка, туку ќе има цел заедно со деловните банки да го сподели ризикот што постои во кредитирањето на малите бизниси.


ВЕСНА М. БОЖИНОВСКА