Австралиската Гамут Глобал Оперејшнс ќе развива софтвер во Македонија. За таа цел, вчера во Скопје беше отворено претставништвото на оваа ИТ-компанија.
– Идејата да дојдеме во Македонија се должи на позитивната инвестициска клима, конкурентната цена и пристапот до квалитетен кадар кој ги исполнува условите кои ни беа потребни. Исто така, посветени сме во обезбедувањето на македонски персонал со пристап до најновата опрема, алатки и процеси, со цел да се придонесе во подобрување на вештините и овозможување продуктивен капацитет – рече претставникот на компанијата, Џон Бургес кој најави дека Гамут Глобал Оперејшнс планира да прерасне во голема македонска компанија, со идеја да префрли дел од операциите од Австралија во Македонија.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој присуствуваше на отворањето на канцеларијата му се заблагодари на Бургес за одлуката да отвори претставништво во Македонија и оцени дека тоа претставува вистинска можност за развој на компанијата.
– Македонија поседува квалитетен кадар и човечки ресурси кои со своите способности активно ќе можат да се вклучат во работата на компанијата. Посебно е значајно тоа што во наредниот период планира и зголемување на бројот на работните места – рече министерот Ивановски.
Компанијата развива бизнис софтвер уште од 1984 година, а нејзините производи ги продава во Австралија и Северна Америка.

(С.Бл.)