Првиот финансиер во државава, министерот Никола Поповски, деновиве на голема врата ја најави даночната реформа што ќе стартува годинава, а се планира да се реализира во наредниве три и пол години. Потегот е сосема очекуван ако се има предвид дека во последниве години добро изрежирани даночни манипулации резултираа со формирање на огромен број даночни пирамиди, со кои во моментов се занимаваат даночните власти. Главните закони со кои треба да се подобрат состојбите во оваа област се новиот закон за Управа за јавни приоходи и законот за Даночна постапка, кои, наскоро, ќе се најдат на усвојување пред пратениците.
Фирмите кои должат пари за даноци, веќе нема да можат да ги избегнат преку згаснување на старата и формирање на нова компанија, или, пак, преку основање на бројни фирми-ќерки на кои не може да им се фати трагата. “Новите правни лица кои настанале со поделба на одредена фирма ќе бидат неограничено солидарни со старата компанија од која настанале, односно тие со целиот свој имот ќе гарантираат за обврските на старата фирма, со цел кога таа ќе згасне, УЈП да има од кого да ги наплати обврските”, вели Поповски. Се воведува и контрола на концерни и на поврзани претпријатија, при што УЈП ќе биде должна да врши контроли во исто време и од едно место кај сите фирми што се формирани од еден ист основач, бидејќи токму ваквите поврзани претпријатија се еден од моделите за избегнување на даноците. Поточно, целта е даночните инспектори да станат максимално одговорни, чесни, доблесни, добро обучени, и она што е најважно, да не подлежат на корупција, односно да не ни помислат да им помагаат на даночните затајувачи во својот криминал. За добро завршена работа тие ќе бидат наградувани, но, предвидени се и строги казни и дисциплински мерки ако подлегнат на злоупотреби на должноста.
Новина е и партнерскиот однос со даночните обврзници. Нема да се дозволува прикриена работа, ќе мора да се чува даночна тајна, а ако во фирмата има некои трансакции кои се нејасни за УЈП, газдата ќе мора да даде писмена заклетва за овие зделки. Информации важни за оданочувањето нема да мораат да дадат свештени лица, адвокати, нотари, даночни советници, ревизори, лекари, медицински персонал како и лица кои уживаат имунитет.


Весна М. БОЖИНОВСКА