Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави денеска дека ќе ги слуша предлозите на Кризниот штаб за тоа што треба да се стори во врска со епидемијата на коронавирусот, иако, како што рече, тој бил за полициски час, а не за половични решенија.

„Бев за полициски час, а тоа затворање од 6 до 6, тоа се половични решенија, кои нанесуваат поголема штета на економијата, а корист нема да донесат, но ќе ги почитуваме“, рече Вучиќ на прашањето дали кризниот штаб денеска би предложил некои нови мерки.

Вучиќ во обраќањето до јавноста во врска со моменталната епидемиолошка состојба изјави и дека е започната потрага по вакцини.

„Најважно е здравјето. Заедно со Владата, тргнавме во потрага по вакцини, да обезбедиме вакцини на најлесен начин, за прво да ги намалиме, а потоа да ги запреме катастрофалните ефекти што ги има короната”, рече тој, додавајќи дека Србија досега обезбедила 1.800.000 дози вакцина, кои најверојатно ќе бидат од американскиот производител „Фајзер“.

Српскиот претседател објасни кои групи се приоритетни за примање на вакцината.

„До крајот на јануари ќе се обидеме да обезбедиме доволно вакцини за здравствениот систем, армијата и полицијата кои се најпогодени. Веднаш по нив ќе бидат оние кои се веќе болни, како и постарите лица. На крајот, средовечните и млади”, рече Вучиќ.

„Многу важна порака е дека првите вакцини ќе ги имаме пред крајот на декември“, нагласи тој.

извор: Makfax