Во Приштина може да се очекуваат „големи потреси“, бидејќи нивната влада има проблем со легитимноста, оцени српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој истакна дека не го радуваат турбуленциите на политички план, кои сега се случуваат на Косово, како што на таквите турбуленции не им се радува никаде во регионот, пренесува РТС.

На новинарското прашање како Белград може тоа да го искористи, Вучиќ одговори дека не може да ја користи таквата ситуација, бидејќи, ако ситуацијата во Приштина е стабилна, тогаш и Белград има стабилен партнер за разговор, а ако е нестабилна, тогаш албанските политичари „ќе се тркаат кој повеќе пати ќе повтори дека Србија извршила геноцид“.

Тој истакна дека преговорите со Приштина ќе продолжат да бидат тешки, бидејќи легитимитетот на косовската влада е „на клацкалка“, со објаснување дека ако формираат влада во која првиот ќе има 21 отсто поддршка од граѓаните, тогаш Аљбин Курти останува во опозиција со 37 отсто поддршка.

„Тоа не е лесна ситуација и тогаш имате проблем со легитимитетот“, укажа Вучиќ.