Премиерот на Србија Александар Вучиќ и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во СУботица потпишаа Декларација за унапредување на односите и решавање на отворените прашања помеѓу Србија и Хрватска, што, како што се оценува, е прв многу важен чекор напред по долгиот период на заладени односи меѓу двете држави.

Вучиќ и Китаровиќ прво остварија средба во Хрватска, а потоа преминаа во Србија каде попладнето во Градското собрание на Суботица ја потпишаа декларацијата.

Ова е прва посета на хрватската претседателка на Србија и тоа не е официјална туку работна посета. Двајцата државници досега се сретнаа трипати.

Според Вучиќ оваа спогодба е историска и ќе биде основа за решавање на сите спорни прашања меѓу две земји. Тој во интервју на ХРТ рече дека и двете земји имаат заеднички интерес за долгорочна стабилност и дека обете страни треба почесто да разговараат и да покажат взаемна почит.

Тој нагласи дека двете земји имаат нерешени проблеми, како што се граничната линија, сукцесијата, долговите, правата на малцинствата и исчезнатите за време на конфликтот, и нагласи дека сака сето тоа да заврши.

Претседателката на Хрватска, пак, изјави дека Хрватска нема намера да ја бликира Србија на патот кон ЕУ и дека постои искрена волја кај обете земји да се решат сите отворени прашања.

Според Грабар-Китаровиќ решавањето на отворените прашања ќе влијае и на економските односи и додаде дека српските туристи се добредојдени во Хрватска.