Првите количини вакцина против Ковид-19 ќе пристигнат во Србија до крајот на годината, најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Ќе имаме две, а можеби и три вакцини“, додаде тој. Кога точно ќе почне вакцинацијата, дали на почетокот на следната година, зависи од експертите и нивните процени, рече Вучиќ и додаде дека тоа може да се случи во јануари.

Според него, вакцините на „Фајзер“ се веќе нарачани, а Србија ќе биде меѓу ретките земји што ќе ги примат тие вакцини до крајот на годината. „Ќе видиме како ќе работи. Веруваме дека голем дел од вакцините ќе пристигнат во јануари и февруари. Ќе има околу 340.000 вакцини, што е за 170.000 луѓе”, рече Вучиќ.

Тој додаде дека руската вакцина сега се тестира во Србија, а се чека на регистрација на вакцината во Кина. Вучиќ рече дека има разговори со компанијата „Модерна“, која може да ја достави вакцината дури на крајот на следната година, и дека ќе разговараат и со компанијата „Џонсон и Џонсон“.

извор: Makfax