x

ВТОРА ПОБЕДА ВО НИЗА: Македонија со цел плен од Швајцарија

lazarov

Македонската ракометна репрезентација на гостувањето кај Швајцарија славеше со 23-25 (10-10) во рамките на вториот квалификациски меч за место на ЕП 2022. По слабото издание во првиот дел, нашите момци одиграа одлично во одбраната и нападот после 45. минута и не му дозволија на противникот да се врати целосно во мечот.

Со овој триумф Македонија направи важен чекор кон пласманот на Европското првенство.

Лазаров со шест гола беше прв стрелец, два од нив беа од седум метри. Стоилов имаше пет гола, Кузмановски беше стрелец на еден гол помалку. Митревски имаше седум интервенции, Томовски три.

Одигравме едно скромно прво полувреме, во кое немавме дополнителна идеја во нападот, причината беше „фластерот“ врз нашиот најдобар ракометар, Кирил Лазаров.  Македонија во четири наврати имаше водство од два гола (2-4, 5-7, 6-8 и 7-9). Избраниците на Данило Брестовац имаа шанса да поведат и со плус три, но дефанзивата беше далеку од посакуваното ниво, Шмит и Рубин лесно ја пробиваа нашата одбрана, Швајцарија играше „седум на шест“. Домашниот тим со серија од 3-0 за првпат поведе со 10-9, Кире израмни на 10-10 на полувремето.

Тешко тргнавме во вториот дел, одбраната беше раштимана, нападот тешко одеше, па Швајцарија со серија од 3-0 поведе со 18-15 во 44. минута. Брестовац повика тајм-аут направи промени, го стави Томовски, Мишевски и Пешевски. Промената и цврстата одбрана вродија плод, Пешевски, Кузмановски двапати, Лазаров и Талески го вратија водството 18-20 во 50. минута. На другата страна Швајцарија шест минути не постигна погодок.

Домаќинот стави крај на црната низа, ние останавме со играч помалку, Томовски забележа две важни интервенции во вистинско време, па Македонија со погодоците на Георгиевски и Мишевски за првпат поведе со плус три (20-23) беше на три минути до крајот.

Не дозволивме кам-бекот на противникот, стабилно и без паника го привршивме мечот.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата