Фудбалската репрезентација на Македонија во досегашната кратка историја нема пласман завршница на големите фудбалски настани. Сите обиди за пласман на едно Светско или Европско првенство завршувале во квалификациите. Историјата започна да ја пишува поранешниот фудбалер на Силекс и Вардар, Зоран Бошковски кој го постигна првиот гол за Македонија на пријателската средба со репрезентацијата на Словенија во Крањ. На таа средба нашиот национален тим беше предводен од познатиот тренер Андон Дончевски, но прв селектор беше Ѓоко Хаџиевски, кој притоа ја водеше селекцијата само на натпревари против селекцијата на новинарите. На два пати репрезентацијата е водена од странски селектори, Слободан Сантрач и актуелниот Сречко Катанец. Единствен селектор кој двапати бил на кормилото од репрезентацијата е Драган Канатларовски. Кај фудбалерите посебно место зазема играчот за врска, Артим Шакири, кој ќе се помни по голот постигнат директно од корнер против англиската репрезентација, а е втор по бројот на настапите бидејќи има само три помалку од Седлоски. Со најмногу настапи кај голманите е Петар Милошевски (48), повеќе од двојно во однос на вториот на таа листа, Данчо Целески (22). Во новиот квалификациски циклус за претстојното Европско првенство нашата селекција стартуваше со победа на гостувањето во Естонија. Со евентуално ново изненадување против фаворитот Англија, може да се надеваме на пласман во завршницата.