x

ВРЕМЕПЛОВ: Кога на „Росонерите“ им се стемни на „Ријазор“(ВИДЕО)

Во Лигата на шампионите се одиграни многу натпревари, а некои се паметат како епски, некои чудни, некои лесно се забораваат. Еден од оние кои се паметат е и мечот помеѓу Депортиво Ла Коруња и Милан во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Првиот дуел на „Сан Сиро“ му припадна на Милан со 4:1, огромна предност и се чинеше дека „росонерите“ ќе пројдат па со мислите веќе беа кон полуфиналето. Дури ни играчите на Депортиво не веруваа дека ќе успеат да го надиграат големиот Милан кој важеше и за фаворит за европската титула.

„Милан беше многу силен. Тие заедно со Реал Мадрид беа најсилниот тим во Европа. Знаевме дека мораме да одиграме агресивно и со огромна доза на концентрација“, изјави Мауро Силва тогашниот играч од средниот ред на Депортиво.

Милан дојде на „Ријазор“ како шампион на Европа и со огромна доза на самодоверба. Плус една сезона претходно го победија Депортиво на нивен терен со 4:0. Само требаше да ја сочува огромната предност.

Милан ги имаше Дида на голот, Кафу, Неста, Малдини и Панкаро во одбраната, Сидорф, Пирло и Гатузо во средниот ред и Шевченко, Кака и Томасон во нападот.

Стартните 11 на Депор беа Молина на голот, потоа Пабло, Најбет, Андраде, Ромеро во одбрана, Серхио и Мауро Силва како дефанзивни играчи за врска, Луке, Валерон и Виктор Санчез како офанзивни играчи за врска и Пандијани како осамен напаѓач.

Уште на полувреме Шпанците имаа предност од 3:0 (стрелци Пандијани, Валерон и Луке). „Росонерите“ се изгореа во вулканот на „Ријазор“. 29,000 грла викаа и пееја песни на Депортиво како да знаеја дека ова е нивна ноќ. Хуан Фран зголеми на 4:0, а Молина со фантастична реакција спречи Руи Коста да постигне гол за Милан и да го однесе мечот во продолженија. Милан потона таа ноќ, а Депор отиде во полуфиналето каде за жал беа запрени од Порто кој подоцна стана европски шампион (вкупни 1:0).

ПИРЛО МИСЛЕЛ ДЕКА ИГРАЧИТЕ НА ДЕПОРТИВО БИЛЕ ДОПИНГУВАНИ

Играчите на Депор трчаа со 1000 км на час. Дури и кога судијата свирна крај на првото полувреме тие истрчаа во соблекувалната како Усеин Болт. Не можевме да ги фатиме. Искрено, помислив дека се допингувани. Не е можно да имаат толкава енергија“, напишал Пирло за овој меч во автобиографијата.

Утредента на „Газета дело спорт“ осамна наслов: „Падот на Боговите“.

И за крај, тренерот Хавиер Ируета вети дека на коленици ќе помине 73 километри ако Депор пројде. Тој си го одржа ветеното, но не на коленици.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата