Како што информираше Дончев изминатата година изградена е општинската индустриска зона во која целосно се решени водоводниот и канализацискиот систем, системот за одводнување на атмосферската вода, а е асфалтирана и улицата “Александар Македонски” која води до зоната.

– Во новата индустриска зона како странска инвестиција беше отворена текстилната фабрика “Текспорт” како австриска инвестиција од 1,5 милиони евра. Во фабриката која вработува околу 200 луѓе се произведува висококвалитетна опрема за пожарникари која се извезува на странските пазари, истакна градоначалникот.

Во делот на образованието во ОУ “Гоце Делчев” извршена е замена на старата дрвена столарија со нова шест коморна ПВЦ во вредност од 5,2 милиони денари, а во ОУ”Славчо Стојменски” инсталирани се топловодни котли на пелети во соработка со општина Виница и Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Во учебната 2015/2016 година, Виница доби уште еден нов професионален терен за љубителите и фановите на тенисот во кругот на ОУ “Гоце Делчев”, инвестиција на Агенцијата за млади и спорт со поддршка на Владата и локалната самоуправа, а е изградено и повеќенаменско изгралиште во село Истибање.

Општина Виница е една од првите општини во државата која работи на реализација на програма за примарна селекција на отпад .

– По завршувањето на улицата “2008”, струмичката фирма “Изградба” продолжи со реализација на вториот проект на општина Виница, изградба на атмосферската мрежа на улиците “Браќа Миладинови” и “Илинденска” во должина од 1.200 метри. Зафатот започна од коритото на Градечка Река, каде што треба да се излеваат водите кои при поројни дождови ги полнат овие две улици, рече Дончев.

Атмосферската канализација на овие две улици, додаде, заедно со атмосферската мрежа на улицата “2008” во должина од 460 метри и нејзиното комплетно инфраструктурно уредување, општината ја чинеа 37 милиони денари, средства кои се обезбедени со кредит.
Стариот, руиниран мост кај село Лаки, кој поврзува дел од селото со регионалниот пат Виница-Берово, е комплетно обновен во 2013 година. Вредноста на оваа инвестиција е 317.150 денари.
Општина Виница презеде мерки за санација на мостот на Градечка Река на излезот од градот кон село Градец, мост кој е алка за сообраќајна комуникација на дваесетина фамилии населени покрај реката. Мостот е со должина од 12 метри и ширина од 3 метри. Средствата во висина од 99.120 денари се обезбедени од општинската каса.

– Поставена е нова канализациска мрежа на потегот од селската црква до излезот на селото во должина од 1.200 метри со цевки сопречник од 250 милиметри. Средствата за овој зафат во висина од 2,2 милиони денари се обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање, рече Дончев.

Во рамките на проектот за реконструкција на старата водоводна линија кој општина Виница го реализираше со средства од Светска банка, посочи, од планираните 3.935 метри водоводна мрежа, 50 отсто се завршени, т.е реконструирана е водоводна линија во должина од 2.020 метри.

– Општина Виница во изминативе осум години е активен и најголем поддржувач на Меѓународниот фолклорен фестивал “Истибањско здравоживо” и фестивалот за хумор и сатира, пак, “Ин Виница веритас”, потенцираше Дончев.