Повеќе од 7,7 милиони евра промет бил остварен во јуни, со тргување на акциите на првите десет компании кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност. Минатиот месец најголем промет е остварен со акциите на “Комерцијална банка”, “Алкалоид” и “Макпетрол”, а интерес за тргување имало и за акциите на битолската “Стопанска банка”, скопски “Гранит”, “Македонија Турист”, велешки “Благој Ѓорев”, “Охридска банка” и “Фершпед”. Според берзанскиот извештај за јуни, десетте најкотирани компании во 1.493 трансакции реализирале вкупен промет од 471.349.604 денари или околу 7.705.653 евра. Прва на берзанската топ-листа е “Комерцијална банка”, која минатиот месец оствари најголем промет од околу три милиони евра. Просечната цена на една акција на банката изнесуваше 4.725 денари, а продадени биле 41.278 акции. Скопската фармацевска компанија “Алкалоид” е веднаш зад “Комерцијална банка” со реализиран промет од околу 1,1 милиони евра. Во 366 трансакции истргувани биле акции на “Алкалоид” со просечна вредност од 4.041 денари за акција. Нафтениот дистрибутер “Макпетрол” остварил промет од 51.443.059 денари (841.000 евра), а една акција се продавала по 26.654 денари. Акцијата на скопски “Фершпед” достигна највисока продажна вредност од 81.389 денари, а релизиран бил промет од 208.270 евра. Берзанските купувачи интерес покажале и за акциите на “Стопанска банка” од Битола, при што била постигната просечна вредност од 9.827 денари за една акција. (В.Ма.)