За 11 години, од 2008 до 2019 година, во Црна Гора се издадени вкупно 643.479 пасоши, односно околу 20.000 повеќе од вкупниот број жители кој официјално изнесува 620.000, соопшти црногорското Министерство за внатрешни работи, по повод една деценија визна либерализација, пренесува „Спутник“.

„Проблемот веројатно е во статистиката зашто разликата од 20.000 е многу голема. Можеби проблемот се и луѓето што живеат надвор од Црна Гора, во држави каде што двојното државјанство е дозволено. Тука мислам на црногорската дијаспора, луѓе кои не се пријавени во матичната држава туку во онаа во која живеат, работат и плаќаат даноци“, вели професорот по социологија, Срѓан Вукадиновиќ.

Тој додава дека проблемот може да лежи и во пописот на населението зашто, според статистичките податоци, во Црна Гора има повеќе граѓани отколку домаќинства.

„Ако во Црна Гора има 620.000 луѓе, а 640.000 патни исправи, колку граѓани има тогаш што немат пасоши? Тврдам дека има стотина илјади такви. Државата им даде државјанство и на околу 500 заслужни луѓе, а тоа не е голем број, но меѓу нив има и некои криминалци кои се на потерници во матичните земји,“ вели Вукадиновиќ.

извор: Makfax