На 24 овој месец ќе бидат познати компаниите што ги исполнуваат предквалификациските услови за купување на “ЕСМ – Дистрибуција”. Веќе шест меѓународни компании ја подигнаа документацијата за учество на тендерот за продажба на ЕСМ – Дистрибуција што беше објавен од страна на Владата на Република Македонија во “Фајненшл тајмс” и “Службен весник на Република Македонија”. Тоа се германските РВЕ и Дистрибуцијата на Баден Витенберт, Австриската ЕВН – Дистрибуција, Американските АЕС и “Призма Енерџи” и Чешки ЧЕЗ, соопшти Златко Черепналковски, член на тимот за односи со јавноста на Министерството за економија, на тематската работилница за “Тендерската постапка за приватизација на АД ЕСМ” што се одржа викендов во Крушево во организација на “Транспарентност – Македонија” и Министерството за економија” .
ЕСМ – Дистрибуција, како што беше потенцирано на работилницата, оди на продажба без долгови кон трети лица, но со ненаплатени побарувања. Тој информира дека од три милиони и 800 акции на Дистрибуција Владата одобрла продажба на 90 отсто, од кои ЕБОР, најверојатно, ќе има свој дел од најмногу 19,9 отсто. Главните критериуми за оценка на најдобриот понудувач ќе бидат цената на акциите и вредноста на инвестицискиот пакет, а компанијата што ќе победи на тендерот ќе мора да го прифати фиксираниот социјален пакет утврден со Колективниот договор.
Почетокот на длабинската анализа или втората фаза од продажбата на ЕСМ од понудувачите е одреден за 9 јануари 2006 година, а рокот за доставување на понудите е почетокот на март. Целата постапка за продажба на ЕСМ -Дистрибуција, како што беше потенцирано, треба да заврши до крајот на март 2006 година. Компанијата што ќе ја купи Дистрибуција ќе мора да остави банкарска гаранција или перформанс бонд, како што се нарекува, што Владата ќе може да ја повлече ако стратешкиот инвеститор не ги исполнува инвестициските обврски. ЕСМ – Дистрибуција располага со капитал од 110 милиони евра, има остварено профит од 10 милиони евра во последните три години и има помалку од 700 илјади потрошувачи. Од стратешкиот инвеститор, според тендерот, се бара вкупен обем на средства кој надминува една милијарда евра, акционерски капитал над 500 милиони евра и профит од 150 милиони евра во последните три години. Меѓу другото, од стратешкиот инвеститор се бара да има искуство со дистрибуција на електрична енергија кај повеќе од 700 илјади потрошувачи. (З.П.)