Во близина на Македонската радио-телевизија, вчера во употреба беше пуштена катна гаража Судска палата. Оваа гаража е прва јавна и со капацитет од 502 паркинг-места. Тука велосипедите, моторциклите, хибридните возила и лицата со инвалидитет ќе можат да паркираат бесплатно, а се до први април за паркинг нема да се наплаќа на ниедно возило. Гаражата има 5 нивоа над земја, а фасадата на објектот е богата со стилски елементи со цел да се вклопи со околните градби. Вкупната инвестиција изнесува за нејзината изградба 5 635 000 евра, а таа треба да го реши метежот и недостигот на паркинг-места во овој реон каде што се наоѓаат повеќе институции и судови.

На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалниците на Скопје и општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.

Во оваа прилика, претседателот на Владата ја потенцираше потребата од ваков тип на објект и изрази задоволство што планот за изградба на 7 катни гаражи во центарот на градот успешно се реализира.
– Со поставувањето на камен-темелник на последната од 7-те катни гаражи предвидени во центарот на градот можеме да констатираме дека е заокружена првата фаза од овој капитален инфраструктурен проект во Скопје. Сите тие се започнати со градба, а некои веќе се во напредна фаза. Денес може да кажеме дека проблемот со паркирање во објектите околу Македонската радио-телевизија како и судовите во центарот на Скопје е решен. Пред нас е новата катна гаража која е вистинско решение за сите граѓани кои работат или бараат услуги во овие објекти. Со нејзината изградба ќе се решат бројните сообраќајни проблеми со неправилно паркирани автомобили, а ќе се заштити и зеленилото во околината, истакна премиерот Груевски.
Катната гаража Судска палата” се простира на површина од околу 16 000 метри квадратни, од кои 15 проценти се деловен простор.

Од април, редовните цени за паркирање ќе бидат 20 денари за час до 18 ч., 10 денари од час по 18 ч., а дневната паркинг-карта ќе чини 100 денари.

Градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ потенцираше дека ова е инвестиција од општ и заеднички интерес на граѓаните и дека долгорочно ќе го реши проблемот со паркирањето во овој реон.
– Ние постојано инвестираме во објекти кои се од интерес на сите граѓани. Како општина во која се наоѓаат многу важни административни и бизнис-објекти секоја инвестиција во нови паркинг-простори е добредојдена. Нашата стратегија како општина не е насочена краткорочни решенија, туку следејќи го брзиот развој на главниот град фокусот мора да се насочи кон наоѓање на долгорочни решенија за потребите на новите градби. Од вкупно 500 места, 24 се наменети за лица со хендикеп, имајќи предвид дека во непосредна близина се гради новиот кривичен суд кој ќе го следи истиот стил, изјави градоначалникот Тодоровиќ.

Гаражата е направена по сите најсовремени стандарди за функционирање на вакви објекти. Проектант е градежната компанија Мегарон, а изведувач на фирмата “Бетон”.

(Гр.З.)
Фото. Н. Батев