Српската полиција во текот на дводневните протести во Белград во текот на викендот уапси вкупно 18 лица, девет за кршење на законот за јавниот ред и осум поради сторени кривични дела, соопшти денеска директорот на полицијата Владимир Ребиќ.

Тој за Радиотелевизија Србија (РТС), рече дека три лица се задржани поради сомнеж дека насилно влегле во РТС, се заканувале со моторна пила, скршиле стакло и се однесувале невнимателно кон вработените во јавниот ТВ-сервис и полицијата.

Судот за прекршоци по итна постапка веќе процесуира седум лица, шестмина се осудени на 30 дена затвор, едно лице со парична казна, а против двајца ќе се води кривична постапка во редовна процедура.

Меѓу уапсените за кривични дела шестмина се осомничени за насилно однесување на јавен собир, три лица се во процедура на полициски притвор, и против три лица се води постапка во редовна процедура.

По повод вчерашното барање на опозициските лидери да се „ослободат децата”, шефот на полицијата истакна дека според српските закони деца се лица на возраст под 14 години, и дека голем број уапсени имаат повеќе од 20 години, а некои се 40-годишници.

Меѓу уапсените се и раперите Миљан Чичиќ и Милан Пернат, кои настапуваат под името Движење на обединети фантоми (PUF), тие пишуваат и пеат сатирични стихови, песни и пародии и изведуваат шеговити и иронични настапи на улица.

На протестите “1 од 5 милиони евра” се појавуваат со фантомки и маскирни униформи, изведувајќи улични перформанси чија тема е еден од настаните помеѓу два протести, а реквизит оваа сабота им беше моторна пила и отсечена гранка, како алузија на масовното сечење дрва во заштитена зона на историскиот споменик Калемегданска тврдина, на која градската власт планира да изгради жичарница.

Белградските медиуми и таблоиди блиски до претседателот Александар Вучиќ и директорот на РТС, Драган Бујошевиќ, во своето јавно обраќање по упадот на демонстрантите во РТС, моторната пила на двајцата рапери и изведувачи ја окарактеризираа како средство за закана и насилство.

извор: Makfax