Денеска, во Собранието, ќе се расправа за одземање на имунитетот на Груевски. До Собранието стигнале пет барања за одобрување притвор за Никола Груевски, кој избега во Унгарија бидејќи беше осуден на двегодишна затворска казна.

Неофицијално, на денешната седница на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања не се отфрла можноста да дојде и до дополнување на дневниот ред со нови барања за одземање на имунитетот на Груевски.

Предлогот, ако помине на Комисијата, ќе биде доставен до претседателот на Собранието и тој треба да го стави на дневен ред на следната седница. За одземање имунитет на пратеник се потребни 61 пратеник да гласаат „за“.

Претходно, пратениците се обидоа да му го одземат и пратеничкиот мандат на експремиерот Никола Груевски, но не успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство. По бегството на Груевски, претседателот на Собранието во координација со пратеничките групи, одлучи по шест месеци неоправдано отсуство, да се обидат уште еднаш да му го одземат мандатот. Дотогаш Груевски ќе зема намалена пратеничка плата.

извор: Makfax