Истрагата која треба да доведе до виновниците за загубите коишто со години се акумулирале во словенечките банки е приоритет за тамошното државно обвинителство, а засега се водат постапки против 28 лица, потврди во саботата во разговор за новинската агенција STA, Хариј Фурлан, кој го води специјалното обвинителство за економски криминал.

„На тоа му дадовме приоритет и на тоа работат десет обвинители”, вели Хариј Фурлан, додавајќи дека засега во осум предмети се покренати истраги против 28 лица, а се сомничат за стекнување противправна материјална полза поголема од 50 милиони евра.

Прашањето на ткн „банкарска дупка”, коишто некои медиуми во Словенија ја проценуваат дури на 15 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и поради којашто државата во 2013 и 2014 година мораше да ги санира и докапитализира банките со повеќе милијарди евра, како и нивните со години акумулирани лоши ненаплатливи кредити да ги префрли во ткн „лоша банка”, со години е важно политички прашање.

Дека таа проблематика ќе биде истражена и процесуирана се обврза со коалицискиот договор и новата влада на премиерот Миро Церар, која формираше и специјална меѓуресорска група којашто се занимава со истражување на одливот на капиталот на словенечките богаташи во странство.

Фурлан во разговорот вели и дека меѓу осомничените има и пониски банкарски службеници кои само ги потпишувале кредитите на тајкуните коишто подоцна не можеле да се вратат, а и членови на управи на банки и на нивните надзорни одбори.

„Доколку има докази за кривични дела против директорите на банките, ќе ги гониме и нив, меѓутоа проблем претставува да се соберат докази”, вели Фурлан додавајќи дека е потешко докажувањето на економскиот криминал на највисоките нивоа.

„Колку некој е повисоко на скалилото, толку е потешко да се дојде до него, бидејќи има посредни извршители зад кои може да се сокрие. Тоа се кривични дела кои не настанале во момент, туку долго се планирани, а оние коишто ги планирале биле претпазливи бидејќи знаеле дека може да дојдат под истрага”, вели Фурлан.

Додава и дека во последниот период истрагата добро соработува со структурите во банките и во централната банка на земјата, и покрај првичните резерви и стравувања дека откривањето на некои податоци на полицијата би можело да предизвика штета кај клиентите кои бараат почитување на банкарската тајност.