Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 40 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека вкупно 495 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 17 приеми и тоа еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за нефрологија, шест во ковид-центарот на Клниката за неврологија, тројца пациенти на Институтот за ТБЦ, двајца на Клиниката за дерматовенерологија и еден на Очната клиника. На ОРЛ се примени четири нови болни. Во ковид-центарот во 8 Септември, пак, имало 12 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се примени 11 болни“, наведуваат од ресорното министерство додавајќи дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.

Од речиси 500 пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 20-тина слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во 8 Септември.

извор: Makfax